„КВАНТАС“ ЌЕ ПОЧНЕ СО 19-ЧАСОВНИ ЛЕТОВИ, НО ПРВО ЌЕ ИСПИТА КАКО ЧОВЕЧКОТО ТЕЛО ГО ПОДНЕСУВА ТОА

Сиднеј, (Си-Ен-Ен)

Редовни непрекинати летови од источниот брег на Австралија до Лондон и Њујорк наскоро би можеле да станат реалност. Како подготовка, австралиската авиокомпанија „Квантас“ најави три тест-летови директно од Сиднеј до Лондон и до Њујорк со 40 патници, за да испита како човечкото тело се носи со 19-часовно патување. „Квантас“ претходно најави дека планира да ги отвори овие линии до 2022 година.

„Квантас“ веќе има директни 17-часовни летови од Перт до Лондон, но трите најнаселени градови во Австралија се на источниот брег, па Мелбурн е оддалечен од Њујорк 16.500 километри, а од Лондон до Сиднеј има 16.800 километри.

„Ваквите летови ќе бидат идеални за деловни луѓе. За авиокомпанијата е поевтино ако прави два одделни лета, со застанување во Дубаи или Сингапур, но некои патници се подготвени да платат повеќе“, вели економскиот аналитичар Бјерн Ферм.

Повеќето од патниците на пробните летови со „боинг 787-9“ ќе бидат вработените во „Квантас“. Тие на себе ќе носат уреди за набљудување и експерти од Универзитетот во Сиднеј ќе следат како фактори како осветлување, храна, пиење, движења, шаблони на спиење и забава за време на летот влијаат на нивните здравје, добросостојба и биолошки часовник. Научници од универзитетот Монаш во Мелбурн, пак, ќе ја следат состојбата на пилотите, како нивото на хормонот мелатонин и мозочни бранови.

„Кај патниците, клучно е да се минимизира џет легот и да се создаде околина во која тие ќе имаат удобен и пријатен лет“, вели извршниот директор на „Квантас“, Алан Џојс.

Моментално најдолг лет на светот е оној на „Сингапур ерлајнс“ до Њујорк, кој трае 18 часови и 25 минути.