Собранието денеска го потврди изборот на Нина Ангеловска за нова министерка за финансии, која со тоа стана прва жена на оваа функција.
Иако само 31-годишна, Ангеловска, сепак, не е и најмлад министер за финансии во историјата на Македонија и овој статус и натаму го задржува поранешниот премиер, а сега бегалец во Унгарија, Никола Груевски. Тој имаше само 29 години кога кон крајот на 1999 го наследи Борис Стојменов.
Родена во Скопје на 13 јули 1988, Ангеловска дипломирала на Економскиот факултет при УКИМ во 2010 како студент на генерацијата, а во 2016 докторирала на тема од областа на менаџмент. Таа во јавноста е најпозната како коосновач и извршен директор на онлајн платформата за купување со попусти „Групер“ и магазинот „Форбс“ во 2018 ја вклучи меѓу најуспешните 30 европски претприемачи помлади од 30 години.
„Понудата ја гледам како шанса да бидам предводник на промени во земјата во која ја планирам и својата иднина. Ова е време на технологии, вештини, модерно претприемништво, нови бизнис модели и дигитални комуникации и тука го гледам развојот на земјата“, напиша Ангеловска на својата Фејсбук страница.