БЕРЛИН И ПАРИЗ ГО ИМААТ НАЈБРЗИОТ ЈАВЕН ПРЕВОЗ, ПОКАЖА НОВО ИСТРАЖУВАЊЕ

Торино, (ДПА)

Јавниот превоз никогаш не се чини доволно брз, но во некои градови тој е полош во однос на останатите, покажа ново истражување кое рангираше големи градови низ светот според тоа колку брзо се патува со автобус или со воз.

Ако брз и точен јавен превоз ви е важен, тогаш би требало да живеете во Берлин или Париз, велат истражувачите од Техничкиот универзитет во Торино.

Нивната студија опфати јавни сообраќајни мрежи во 32 градови од Европа, Северна Америка и Австралија и покажа дека жителите на Берлин и Париз поминуваат помалку време во автобус или воз од оние во САД и Австралија.

„Берлинците и парижаните стигнуваат за 20 отсто побрзо од останатите“, се вели во студијата.

Копенхаген се најде на третото место, следен од Хелсинки, Атина, Прага, Лондон и Њујорк. Вашингтон, Сан Диего и Мексико Сити најлошо поминаа во оваа споредба.

„Податоците за јавниот превоз во големите градови во Јужна Америка, Африка и Азија не се наоѓаат така лесно на интернет, па затоа нашето истражување не беше и пошироко“, вели водачот на истражувањето Индако Бјацо.