ПОСЕТИТЕ НА ВСЕЛЕНАТА ЌЕ БИДАТ КАКО ОДЕЊЕ НА КРСТОСУВАЊЕ, ВЕЛИ АРХИТЕКТОТ НА ПРВИОТ ВСЕЛЕНСКИ ХОТЕЛ

Вашингтон, (Дезин)

Првиот комерцијален хотел во вселената повеќе ќе наликува на крузер отколку на вселенската станица од „Одисеја во вселената“ на Стенли Кјубрик, вели Тим Алатор, архитектот на вселенската станица „Фон Браун“.

„Гејтвеј фаундејшн“ го дизајнира првиот вселенски хотел, со цел посетите на вселената да станат подостапни на луѓето. Тој ќе има гравитација, кујни, барови и внатрешност направена од природни материјали и бои.

Хотелот ќе има изглед на огромно тркало со 24 модули за спиење

„Во иднина, одењето во вселената би можело да стане само уште една опција за одмор за некои луѓе, како крстосување или посета на забавниот парк ‘Дизни‘. Нашата цел е ‘Фон Браун‘ да стане целосно оперативен до 2025 година, при што ќе може да прими 100 гости неделно. Бидејќи севкупните трошоци се сѐ уште многу високи, верувам дека вселенскиот туризам во првите неколку години ќе биде достапен само за најбогатите, но нашата крајна цел е да го отвориме за што повеќе луѓе“, вели Алатор.

„Фон Браун“ ќе биде изграден врз основа на технологијата што се користи на Меѓународната вселенска станица, но ќе има вештачка гравитација за да го направи престојот поудобен. Тој ќе се состои од тркало со дијаметар од 190 метри, на кое ќе бидат поставени 24 модули за спиење.

„Хотелот ќе има и други содржини, како ресторани, барови, музички концерти, филмски проекции и едукативни семинари, работи што вообичаено се гледаат на крузери“, додаде Алатор, очекувајќи бројот на луѓе на станицата да биде околу 400.