БИЛЕТИТЕ ЗА 44. МЛАД ОТВОРЕН ТЕАТАР ПО 200 ДЕНАРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Четириест и четвртиот Млад отворен театар (МОТ) ќе се одржи од 13 до 21 септември, а ќе гостуваат 15 врвни театарски продукции, најави Младински културен центар (МКЦ). Продажбата на билети почна денеска напладне на билетарницата во МКЦ и онлајн на bileti.mkc.mk. Цената на билетите за сите претстави до 12 септември е 200 денари.

Отворањето е со проектот „Оваа зграда зборува (на)вистина“ – добитник на наградата „Златна Трига“ на 14. Прашко Квадриенале. Од повеќето наслови, МОТ ја најавува претставата „Сѐ уште без наслов“ на Томи Јанежич, продукција на Словенско младинско гледалишче, која ќе трае девет часа.

„Во рамките на придружната програма на фестивалот ќе настапи култниот бенд ‘Шумски’ од Хрватска и номинираните за Греми, ‘кумови’ на алтернативното кабаре – ‘Тајгер лилис’ со едно посебно шоу, со кое слават 30 години во бизнисот“, вели МКЦ.

Програмата ќе се одржува во Националната опера и балет (НОБ), Кино Култура, Железничка зграда, Театар Комедија, сала Фросина – МКЦ, Дансин сала – МКЦ и Драмски театар и една во Велес – Театар Јордан Хаџи Констатинов Џинот.
За „Сѐ уште без наслов“ билетите ќе чинат 500 денари, а за „Тајгер лилис“ по 350 ден.
Од 13 септември, билетите за сите претстави ќе чинат 300 денари, а за „Тајгер лилис“ по 500 денари.

За претставата „Злосторството на 21 век“, која се игра во Велешкиот театар, цената на билетите ќе биде 200 денари со организиран автобуски превоз од Скопје. За оние што немаат потреба од организиран автобуски превоз, цената на билетите е 100 денари само на касата на Велешкиот театар или со резервации на [email protected] или на 043231750.

Билетарницата во МКЦ ќе работи секој ден од 13 до 20 часот.