„Амазон“ се извини и соопшти дека било техничка грешка тоа што на неколку купувачи предвреме им испратил примерок од новата книга на Маргарет Атвуд. „Тестаменти“ е еден од најисчекуваните наслови за годинава и фаворит за престижната Букерова награда.
Најголемиот светски онлајн продавач објави дека „мала бројка“ клиенти добила примерок од продолжението на „Приказна на слугинката“ пред официјалниот датум на излегувањето, 10 септември. „Гардијан“, пак, објави дека книгата ја добиле дури 800 читатели. Тие веќе и објавија извадоци од „Тестаменти“ на социјалните мрежи.
Канадската авторка, која е носител на Златниот венец од Струшките вечери на поезијата за 2016 година, откри дека дејството ќе се случува 15 години по крајот на оригиналната книга, која стана феминистичка класика и доби филмска и уште поуспешна ТВ-адаптација.