АКТЕРИТЕ ОД „АЛО, АЛО!“ СЕ ОБЕДИНИЈА НА ОТВОРАЊЕТО НА СПОМЕН-ОБЕЛЕЖЈЕТО ВО ЧЕСТ НА СЕРИЈАТА

Лондон, (Би-Би-Си)

Преживеаните актери од „Ало, ало!“ се обединија на отворањето на спомен-обележјето во чест на легендарната британска серија, која Би-Би-Си ја снимаше од 1982 до 1992 година и сѐ уште има голема база фанови.

Друштвото на британски комичари (БСЦ) го постави обележјето на зградата на денешниот хотел „Линфорд хол“ во Мандфорд, чиј двор за потребите на серијата беше претворен во централниот плоштад на францускиот град Нувион, кој, инаку, навистина постои и се наоѓа 100 километри јужно од Кале.

„Оваа серија сѐ уште има голем број фанови и тие дојдоа од цела Европа на отворањето на спомен-обележјето. Тоа беше убава можност да се слави ова брилијантно парче на продукцијата на Би-Би-Си“, изјави директорот на БСЦ, Арон Браун.

Коавторот на серијата Дејвид Крофт почина во 2011 и обележјето беше отворено на денот што ќе беше негов 97. роденден.

Дел од ѕвездите од серијата се одамна починати, како Гордон Кеј (Рене), Кармен Силвера (Едит) и Ричард Марнер (Фон Штром).