„ЕПЛ“ ГО ПРЕТСТАВИ „АЈФОН 11“, ИМА ПОВЕЌЕ КАМЕРИ И НАЈБРЗ ПРОЦЕСОР НА СВЕТОТ

Њујорк, (Би-Би-Си)

„Епл“ ги претстави своите нови три смартфони „ајфон 11“, кои содржат повеќе камери од порано и процесор што е надграден да биде побрз додека троши помалку батерија. Од компанијата кажаа дека батеријата на двата Про модела ќе трае четири-пет часа подолго отколку кај нивните претходници.

Сепак, новите модели не поддржуваат 5Г, делумно и затоа што „Интел“ не успеа да го развие потребниот модем.

„Ајфон 11“ има 6,1-инчен екран и доаѓа со двојна широкоаголна камера од 12 мегапиксели, а додаден е и посебен режим за ноќно снимање, кој автоматски ја осветлува фотографијата. Подобрената предна камера е „ултраширокоаголна“ и има опција за правење на забавени видеоснимки.

Од „Епл“ тврдат дека нивните нов процесор и графички чип се најбрзи на светот и помоќни од оние што се наоѓаат во Андроид телефоните.

Новите „ајфони“ доаѓаат во продажба за десетина дена и нивната цена ќе се движи од 699 до 1.099 долари.