„ЕБИ РОУД“ НА „БИТЛС“ ПО 50 ГОДИНИ СЕ ВРАТИ НА ВРВОТ НА БРИТАНСКАТА ТОП-ЛИСТА И ПОСТАВИ НОВ РЕКОРД

Лондон, (Би-Би-Си)

„Еби роуд“, претпоследниот албум на „Битлс“, се врати на првото место на британската топ-листа 50 години по излегувањето, поставувајќи нов рекорд.

Легендарната четворка од Ливерпул го оствари ова благодарение на ремиксираната верзија на албумот, која беше објавена по повод јубилејот. Албумот се врати на врвот по пауза од 49 години и 252 дена, што е најголема разлика во историјата.

„Тешко е да се поверува колку добро се држи албумот по сите овие години. Но, од друга страна, тоа е навистина кул албум“, изјави Пол Макартни.

Новата верзија на албумот ги содржи оригиналните песни, како и досега необјавени снимки од студио.

И досегашниот рекорд го држеше „Битлс“, со албумот „Sgt. Pepper’s Lonely Hearts Club Band“, кој повторно изби на првото место на британската топ-листа во 2017 година по пауза од 49 години и 125 дена.