ДЕВЕТТОТО ИЗДАНИЕ НА ФЕСТИВАЛОТ „НЕКУЛТУРА“ ГО СЛАВИ СОВРЕМЕНИОТ МУЗИЧКИ ЗВУК

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Деветтото издание на музичкиот фестивал „НЕкултура“, во организација на „Пи-Ем-Џи“, ќе се одржи вечерва во Младински културен центар во Скопје.

Опишан како прослава на современиот музички звук, на фестивалот на три бини ќе настапат 15 имиња од електронската, рок и џез сцена, а како главна ѕвезда е најавен британскиот есид хаус состав „Параноид Лондон”, кој за првпат гостува во Македонија.

Фестивалот почнува во 20.30 часот со настапот на домашниот џез колектив „Светлост“ на платото пред МКЦ, по што следуваат Мухамед Ибрахими, Александар Велики, гостите од Тирана „3:56 АМ“ и „Сетстет“.

Домашната електронска сцена ќе биде застапена со автори и продуценти од различни генерации. Така во Денсинг салата и во фоајето на кино Фросина ќе се изменуваат „Барум барум“, „Кантон6“, Мирко Попов, Илина Ангеловска, Бодан Јамакоски, Роботек…, додека настапот на „Параноид Лондон“ е закажан за два часот по полноќ.

Влезот е бесплатен и организаторите очекуваат да се повтори ланската бројка од околу 5.000 посетители.