МАКЕДОНСКАТА ЕКИПА НА „ВРБА“ ВЕЧЕРВА ВО РИМ НА НАЈГОЛЕМИОТ ЦРВЕН КИЛИМ НА СВЕТОТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Денеска во Рим, на 14. издание на тамошниот филмски фестивал, светска премиера ќе има „Врба“, шестиот долгометражен филм на најнаградуваниот македонски режисер Милчо Манчевски.

Првиот фестивалски ден за „Врба“ ќе почне со утринска проекција за новинарите, следи прес-конференција со Манчевски и актерките Сара Климоска, Наталија Теодосиева и Камка Тоциновски, а вечерта е гала премиерата со црвен килим. На 1.300 квадратни метри е поставен најголемиот и најдолг црвен килим на светот, кој води од главната авенија до фестивалските збиднувања во Аудиториумот Парко дела музика, дизајниран од Ренцо Пијано.

Во официјалната програма на фестивалот, кој почна завчера, се селектирани 33 филмови од 25 земји од светот, меѓу кои и „Врба“. Во селекцијата се и оскаровците Мартин Скорсезе со „Ирецот“, во кој играат Ал Пачино, Роберт де Ниро, Џо Пеши и Рон Хауард со филмот за Павароти. Ќе бидат прикажани и „Џуди“ со Рене Зелвегер, „Даунтон Еби“ и „Измамничките од Вол стрит“.

Музиката во „Врба“ е на Кирил Џајковски, дизајнер на продукција е Дејвид Манс, директор на фотографија е Тамаш Добош, а продуцент е Јане Ќортошев. Филмот е во продукција на „Банана филм“ и е македонско-унгарско-белгиска копродукција, со учество и на Албанија.