ПОКОЈНИОТ ПЕЈАЧ НА „ЕЈ-СИ/ДИ-СИ“ БОН СКОТ ЌЕ СЕ ЧЕСТВУВА НА НАЈДОЛГАТА БИНА НА СВЕТОТ

Перт, (Гардијан)

Австралија следниот март ќе ја одбележи 40-годишнината од смртта на пејачот на „Еј-Си/Ди-Си“ Бон Скот со најдолгата бина на светот. Тоа ќе се направи со затворање на десет километри од автопатот кај Перт, каде што бендови, еден до друг, осум часа ќе свират музика од легендарната австралиска хард рок група.

Тие ќе бидат качени на камиони паркирани долж автопатот, на делницата што го поврзува Перт со родниот град на Скот, Фриментл.

Овој автопат е овековечен во најпознатата песна на „Еј-Си/Ди-Си“, „Автопат кон пеколот“ (Highway to Hell), добивајќи го ваквиот статус поради големиот број сообраќајни несреќи. Групата ја сними песната во 1979 година, седум месеци пред трагичната смрт на Скот, кој почина на 33 години од труење со алкохол.

Иако „Еј-Си/Ди-Си“ е формиран во Сиднеј од браќата Јанг, Скот најголем дел од животот поминал во Перт. Тој ѝ се придружи на групата во 1974 година и беше пејач на првите седум албуми.