СВЕТОТ СЕ ВРТИ КОН ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ НА ЕНЕРГИЈА, ПРОИЗВОДСТВОТО ЌЕ ПОРАСНЕ ЗА 50% ВО СЛЕДНИТЕ ПЕТ ГОДИНИ

Лондон, (Гардијан)

Глобалните резерви на електрична енергија добиена од обновливи извори се зголемуваат побрзо од очекуваното и би можеле да пораснат за 50% во наредните пет години. Меѓународната енергетска агенција (ИЕА) објави дека соларните, ветерните и хидроенергетските проекти се реализираат со најбрза стапка во последните четири години.

Во својот последен извештај, таа предвидува дека до 2024 година светскиот соларен капацитет ќе порасне за 600 гигавати, речиси двојно повеќе од севкупниот електричен капацитет на Јапонија. Севкупно, обновливата електрична енергија се очекува да порасне за 1.200 гигавати во следните пет години, што е рамно на електричниот капацитет на САД.

„Ова е клучно време за обновлива енергија. Ветерната и соларната фотоволтаична технологија се во срцето на трансформацијата на глобалниот енергетски систем. Тоа е клучно во борбата против емисијата на штетни гасови и загадувањето на воздухот“, вели извршниот директор на ИЕА, Фатих Бирол.

Револуцијата на обновливи извори на енергија би можела драстично да ја намали побарувачката на јаглен и нафта до крајот на следната деценија. Обновливи извори моментално даваат 26% од светската електрична енергија, што треба да порасне на 30% до 2024.

Иако бизниси и фабрики сѐ повеќе се ориентираат на соларната енергија во својата работа, се очекува и бројката на домашни соларни панели да порасне на 100 милиони до 2024 година, при што тоа е најизразено во Австралија, Белгија, Калифорнија, Холандија и Австрија.