АЕРОДРОМОТ ВО ИСТАНБУЛ ЌЕ БИДЕ ПРВИОТ ВО СВЕТОТ КОЈ ЦЕЛОСНО ЌЕ ДОБИВА СТРУЈА ОД СОЛАРНА ЕНЕРГИЈА

Истанбул, (Дејли сабах)

Аеродромот во Истанбул целосно ќе се напојува со струја од постројка за соларна енергија која ќе биде отворена до крајот на годината, објави неговиот оператор „ИГА“. Во проектот ќе бидат вложени 212 милиони евра, што ќе се простира на површина од три милиони квадратни метри во централната провинција Ескишехир.

Постројката ќе биде составена од 439.000 соларни панели, со вкупен капацитет од 199,32 мегавати. Фотоволтаичната централа ќе произведува 340 милиони киловат-часови електрична енергија годишно, со што истанбулскиот аеродром ќе стане прв во светот кој целосно ќе ги задоволува своите потреби за струја од соларна енергија.

Со инсталирањето на оваа постројка сакаме да ги ублажиме значајните и загрижувачки последици од глобалното затоплување и климатските промени преку спречување на емисиите на 105.996 тони јаглероден диоксид“, изјави извршниот директор на аеродромот Селахатин Билген.

Аеродромот во Истанбул беше отворен во октомври 2018 и низ него поминуваат 90 милиони патници годишно. Тој ќе биде проширен со шест нови писти до 2028 година, со што и капацитетот на аеродромот ќе се зголеми на 200 милиони патници.

(Фото: АА)