БАРСЕЛОНА ГО ИНСТАЛИРАШЕ ПРВИОТ СОЛАРЕН ПЛОЧНИК ВО ШПАНИЈА

Барселона, (Гардијан)

Барселона го инсталираше првиот фотоволтаичен плочник, како дел од напорите на градот да стане јаглеродно неутрален до 2030 година.

Педесет квадратни метри соларни панели што не се лизгаат се поставени во мал парк во областа Глориес и тие ќе генерираат 7.560 киловат-часови годишно, еднакво на снабдувањето на три домаќинства со електрична енергија. Градот учествуваше во проектот со 30.000 евра, а остатокот го обезбеди производителот.

„Ќе мора да го процениме абењето, бидејќи не е исто како да ставате соларни панели на покрив, иако овие се многу отпорни“, изјави Елои Бадија, кој во градскиот совет е одговорен за климатска криза и еколошка транзиција.

Минатата година, холандскиот град Утрехт постави соларни панели во должина од 25 метри на една велосипедска патека. Добиената струја се користи за улично осветлување и за греење на патеката во зимските месеци.