„ИСТРЕБУВАЧ“ ВЕЌЕ НЕ СЕ СЛУЧУВА ВО ИДНИНАТА – КОЛКУ БЕА ТОЧНИ НЕГОВИ ПРЕДВИДУВАЊА?

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Ноември 2019 е и Лос Анџелес се наоѓа во состојба на урбано пропаѓање. Населението е намалено, а луѓето се соочуваат со нова закана од непријателски настроени биолошки роботи…

Ова е иднината што Ридли Скот ја замислил во 1982 година во култниот научно-фантастичен филм „Истребувач“. Од овој месец, филмот веќе не се случува во иднината. Но, колку точни беа неговите предвидувања во поглед на користењето на технологијата?

  • Во филмот, таканаречените репликанти се опишани како „виртуелно идентични со луѓето“, но денешните механички роботи воопшто не се како Зора, Прис, Рој и Лион. Вештачката интелигенција станува уште попаметна.

  • Видеоповици денес се секојдневие и тоа уште од појавата на Скајп во 2003 година, достапни се дури и на телефони благодарение на разни апликации. И не чинат 1,25 долари (4,30 во денешни пари) како во филмот.
  • Домашни асистенти се широко присутни во филмот. Денес, Алекса на „Амазон“ и Асистент на „Гугл“ можат да ве идентификуваат по гласот и да ви помагаат. Декард (Харисон Форд) исто така користи паметен клуч за да ја отвори вратата од зградата. Ваков клуч е измислен уште во 1970-ите од Норвежанецот Тор Сернес и денес тие се користат во хотели низ цел свет.

  • Детектори на лага и натаму се користат, иако нивната сигурност се оспорува. Во филмот, истребувачите користат машина за разликување луѓе од роботи, поставувајќи прашања за да испровоцираат емотивна реакција.
  • Затемнетите светла и мрачното небо во филмот се последица на индустриското загадување, па луѓето бегаат од градот. Во реалноста, Лос Анџелес станува сѐ понаселен секоја година, иако стравот од климатски промени ги принудува градските власти да преземаат мерки за намалување на штетните емисии.

  • Летечките возила сѐ уште не се во употреба, иако Јапонија и САД развиваат концепти.
  • Фотографиите играат клучна улога во филмот. Полароидните камери денес се заменети со смартфони и Декард разгледува фотографии како што денес пребаруваме на Фејсбук и Инстаграм. Сепак, машината Еспер, која овозможува да се зумира во различни предмети од фотографијата, останува пред времето.