Научниците утврдија дека минатиот месец бил најтоплиот октомври на глобално ниво досега.
Сервисот за климатски промени „Коперникус“ на Европската Унија објави дека овој октомври бил потопол за 0,69 Целзиусови степени од просечната температура во секој октомври во периодот од 1981 до 2010 година. Притоа за 0,01 степен бил урнат рекордот од 2015.
Ако се гледаат само температурите во Европа, ова бил трет најтопол октомври од 1979 година, кога почнале да се прават анализи, но жештината се проширила на други делови од планетата, особено Арктик. „Коперникус“ посочува дека од 1970-ите, во секоја деценија имало просечен пораст на глобалните температури од 0,18 Целзиусови степени.
Ова уследи истиот ден кога беше објавен извештајот на 11.000 научници, во кој се вели дека светот се соочува со климатска вонредна состојба.
„Владите потфрлија во својата реакција на проблемот. Без длабоки и постојани промени, светот ќе се соочи со незамисливо страдање“, се вели во студијата.
Едно од решенијата што ги предлагаат е стабилизирање на светската популација, која сега се зголемува за 200.000 луѓе на ден, што се смета за контроверзно.