СО „СТАКЛО“ САКАМ ТАТКО МИ ДА Е ГОРД НА МЕНЕ – ФИЛМ НА НИНА МАЏИРОВ ДЕНЕСКА НА СИНЕДЕЈС

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Нина Маџиров вечерва (23 часот) на Фестивалот на европски филм Синедејс ќе го претстави нејзиниот филм „Стакло“, посветен на татко ѝ, големиот македонски музичар Зоран Маџиров. Краткиот филм е во режија на Амалија Рамирез, сценариото е на Маџиров, а двете се потпишани во делот на продукција.

Нина за СМАРТ СДК вели дека филмот почнал да се снима во јули 2018. На сценариото работела неколку месеци, додека татко ѝ бил во болница. Зоран Маџиров почина на 9 мај 2017 на 49 години, по седуммесечна борба со повредите од страотната сообраќајка кај Радовиш.

Кога го пишувала „Стакло“, тоа за Маџиров било влегување во нејзината реалност и во нејзиниот горчлив свет

„Инспирацијата ми дојде додека ја слушав музиката на татко ми, шетајќи на еден дождлив ден. Се чувствував осамено, разочарано, туѓо и многу тажно во Лос Анџелес. Ништо не можев да придонесам, ниту, пак, да помогнам за состојбата на татко ми. Се чувствував немоќна. Со идејата и со развојот на оваа приказна, мислев дека ќе му помогнам некако побрзо да стане и да заздрави. Почнав да верувам во чуда. Во мојата глава тлееше приказна во која тој заздравува и станува жив и здрав, повторно жеден за живот како порано. Но, тоа не се случи. Деноноќно посакував целото семејство да биде сплотено во прегратка додека го гледаме филмот. Но, за жал, животот понекогаш знае да биде многу тежок и толку многу да нѐ искушува на начин како никогаш не би помислила ни на сон. Ден по смртта на татко ми, имав премиера на претставата ‘Галеб’ со класата на Факултетот. Минутата кога дознав, бев подготвена да ги напуштам колегите, претставата, професорот и да се вратам во Македонија. Но, знам дека тој не би го сакал тоа. Знам дека ќе ми беше многу лут кога би се откажала. Изиграв три дена во негова чест“, ни рече таа.

Маџиров смета дека едни од најдобрите уметнички дела се создаваат од лични искуства и вистински емоции, без разлика дали тоа е филм, музика или сликање и понекогаш животот ја имитира уметноста. Кога го пишувала „Стакло“, тоа за неа било влегување во нејзината реалност и во нејзиниот горчлив свет.

„Инспирацијата ми дојде додека ја слушав музиката на татко ми, шетајќи на еден дождлив ден. Се чувствував осамено, разочарано, туѓо и многу тажно во Лос Анџелес“, вели Нина

„Горчлив, но, сепак, мој. Борбата во мене беше помеѓу реалноста и надежта. Секој ден сонував како татко ми се буди. Сонував и летав низ мислите, враќајќи се назад, бришејќи го тој ужасен настан. За мене беше премногу тешко да се соочам со неговата смрт. Но, татко ми ме научи на борбеност, едноставно, не смеев да се откажам од надеж. ‘Стакло’ за мене беше еден вид на исповед. Болката од загубата на татко ми секогаш ќе биде присустна во мене, но пишувањето на филмот ми помогна да застанам пред животот и да го погледнам во очи. Едноставно, мора така да биде. Најмногу од сѐ сакав да го направам татко ми горд на мене, горд на својата ќерка“, вели Нина и додава оти премногу ѝ значи што Синедејс ја поканиле да направат вечер посветена на татко ѝ.

Нина завршила со студиите по глума во САД, а сега живее во Лос Анџелес. Периодов работи како продуцент на краток документарен филм, посветен на светски познат сликар, кој во својата кариера соработувал со „Ролинг стоунс“, Џон Ленон и Џими Хендрикс.

Од снимањето на „Стакло“

„Приоритет ми е глумата и пред неколку недели потпишав договор со светски познатата менаџерска компанија ‘СК Менаџмент‘, која стои зад актери кои се оствариле во познати серии. Почнав да одам на аудиции за серии и блокбастери. Следната година во Македонија ќе снимам еден краток и еден долгометражен документарен филм за татко ми во соработка со брат ми Љубен. Тој студира филмска музика во Лондон. Се надевам дека ова досега е само почеток“, кажа Нина.

Б. НЕСТОРОСКА