„Авалон продукција“ вечерва ја завршува годината на големи концертни настани со настапот на канадската суперѕвезда Брајан Адамс во „А1 арена“ во Скопје.
По Лени Кравиц, Стинг и Ерос Рамацоти, од „Авалон“ најавуваат уште еден музички спектакл за македонската публика, а интерес за концертот имало од целиот регион, но и пошироко.
„Концертот е пред распродавање. Особено нѐ радува фактот што во Скопје доаѓа огромна група фанови од цела Европа, кои го следат Брајан Адамс секаде каде што настапува“, велат од „Авалон“.
Адамс, кој минатата недела го прослави 60. роденден, е еден од најуспешните канадски музичари на сите времиња, со продадени над 75 милиони албуми низ цел свет. Тој доаѓа во Скопје во рамките на светската турнеја „Осветли светлина“, именувана според неговиот последен, 14. студиски албум, што излезе во март.
Вратите на салата се отвораат во 18:30, а концертот почнува во 20 часот. Македонските фанови можат да очекуваат сет-листа од 25 песни.
Г. КОНЕВ