Стив Абот, долгогодишниот соработник на „Монти Пајтон“, вечерва ќе прими награда за животно дело од фестивалот на европски филм Синедејс. Наградата ќе му ја врачи амбасадорката на Велика Британија во Македонија Рејчел Галовеј, a потоа во кино Фросина од 21 часот ќе се прикаже „Смислата на животот“ (1983), последниот филм што го снимила легендарната хумористична група, а на кој работел и Абот.

Синедејс на овој начин се вклучи во одбележувањето на јубилејот 50 години на „Летечкиот циркус на Монти Пајтон“, со чии членови Абот соработувал од 1979 до 1997 година, главно како продуцент и менаџер.

Многу сум горд на мојата работа со ‘Монти Пајтон‘, иако јас бев мал дел од тоа. Тие се ‘Битлс‘ на комедијата. Тие беа многу добри сценаристи и актери и имаа голема слобода и знам дека се горди на своето наследство, особено кога гледаме колку филмаџии се инспирирани од нив. Во 21 . век тие се порелевантни од кога било. Јас не креирав ништо од тоа, но помогнав да се одржи, заштити и продолжи и среќен сум што можев да работам со нив“, вели Абот. 

Тој исто така беше продуцент на црната комедија „Рибата наречена Ванда“, во која играат двајца монтипајтонци, Џон Клиз и Мајкл Пејлин.

Од Синедејс соопштија и дека вечерашната проекција на новиот филм на Вуди Ален „Дождлив ден во Њујорк“ во кино Милениум (20 часот) е распродадена. Репризата е утре од 17.30 часот.