Автомобилот со најбрзо забрзување на светот беше претставен на Автосаемот во Дубаи.
Целосно електричниот „аспарк оул“ има можност да забрза до 100 километри на час за само 1,69 секунди, според јапонскиот производител „Аспарк“. На тој начин ги надминува своите електрични ривали „концепт 2“ на „Римац“ и „тесла роудстер“, кои до стотката стигнуваат за 1,85, односно за 1,9 секунди.
„Оул“ првпат беше претставен како прототип во 2017, а финалната верзија имаше светска премиера дури неделава во Дубаи. Од „Аспарк“ тврдат и дека ова е првиот јапонски целосно електричен суперавтомобил.
Јон-литиумската батерија на „оул“ целосно се полни за 80 минути. Со максималната брзина од 400 километри на час, тој е еден од најбрзите друмски автомобили на светот, а со височината од 99 сантиметри, и еден од најниските.
„Оул“ ќе биде произведен во само 50 примероци, по цена од 3,19 милиони долари.