БИТОЛА ИМА НАЈМУЗИКАЛНА ПУБЛИКА – ЕМОТИВЕН КОНЦЕРТ НА ЈЕЛЕНА ТОМАШЕВИЌ ВО ЦЕНТАРОТ ЗА КУЛТУРА

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Балканската музичка ѕвезда Јелена Томашевиќ ги воодушеви битолчани пеејќи ги најпознатите песни за градот, од „Битола мој роден крај“ до „Ако одам во Битола“. Таа како гостин на фестивалот „Музика од светот“ во Центарот за култура приреди вистински музички спектакл, пеејќи ги своите најголеми хитови, но и изворни македонски и српски песни.

Рече дека од шесто одделение настапува како солист и дека ќе испее нешто а капела. Почна со „Судбо, моја судбино“ од Васка Илиева, а потоа во придружба на Камерниот оркестар од Битола продолжи со „Бело лице љубам јас“, „Јовано, Јованке“, „Ме сакаше една врањанка“ и со песни од филмот „Ивкова слава“ и други.

Јелена Томашевиќ на синоќешниот концерт во Битола (Фото: Д. Петковски)

Убава, елегантна, со премоќен глас, два часа ги забавуваше битолчани, воспоставувајќи одлична хармонија и со публиката и со оркесторот, кој беспрекорно ја следеше. Публиката во рекордно време од пет часа ги разграба картите за концертот.

Годината кога со „Утро“ победила на Беовизија го запознала Тоше Проески.

„Најдобриот пејач што го имавме, Тоше Проески, ми честиташе на победата. Така почна нашето познанство. За жал, потоа се случи она што се случи, а неговото семејство во Крушево ми рече дека постои снимка од моја песна во негова изведба. Јас би сакала да слушнам како тоа звучи и можеби би можеле да снимиме некој глас преку таа снимка“, рече Томашевиќ.

Убава, елегантна и со премоќен глас, Томашевиќ два часа ги забавуваше битолчани (Фото: Д. Петковски)

Концертот го заврши со мегапопуларниот хит „Океани“. Битолчани ги нарече најмузикална публика, која знае да ја држи интонацијата додека пее и им вети дека наскоро ќе се врати да им одржи уште еден концерт.

Настапот беше во рамките на 11. издание на фестивалот „Музика од светот“, во организација на Центарот за култура, а поддржан од Министерството за култура и Општина Битола.

Ж. ЗДРАВКОВСКА