Осумгодишно девојче се најде на листата на стоте најмоќни жени во Мексико, што ја составува магазинот „Форбс“.
Адхара Перес од Мексико Сити ја имаат исмевано на училиште, но таа сега учи за две онлајн дипломи, откако било утврдено дека има коефициент на интелигенција 162, што е малку повеќе од генијалните научници Алберт Ајнштајн и Стивен Хокинг, кои имале 160.
Кога имала три години, на Перес ѝ бил дијагностициран Аспергеров синдром, еден од облиците на аутизам, кој може да создава проблеми при социјални интеракции.
„Често ја исмеваа на училиште и ја нарекуваа чудак. Тоа ѝ предизвика депресија и веќе не сакаше да оди на школо. Не сакав да страда, па ја запишав на други програми“, вели нејзината мајка Налели Санчес за мексиканското издание на „Вог“.
Откако ја однесла Адхара на терапија, било утврдено дека таа е високо интелигентна. Во рок од четири години, до осумгодишна возраст, Адхара завршила и основно и средно образование и сега учи за две дипломи преку интернет.
Малата генијалка напиша и книга за своите искуства насловена „Не се предавај“ и моментално развива паметна нараквица која ги следи емоциите на децата со поинакви способности, со цел да се спречат напади и други испади.
Адхара сака да го продолжи образованието во САД, на Универзитетот во Аризона.
„Ме интересира астрофизика и еден ден сакам да бидам астронаут“, вели Адхара.