ТРИ ДЕНА ТЕАТАР СО СЕНКИ ВО МКЦ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Од денеска до среда, во киното Фросина во Младински културен центар (МКЦ) по седми пат ќе се одржува Интернационалниот детски фестивал на театар на сенки „Сонот на облачето“.

Вечерва од 19:30 часот ќе се изведе претставата „Светлосни години“ на театарот „Луз микро и пунто“ од Шпанија.

Утре од 18 часот е анимираниот филм со сенки „Црна школа”, проект на младиот Фабијан Штребер од Германија, кој по проекцијата ќе одржи презентација за креативниот процес на изработка на анимацијата. Веднаш потоа, од 19:30 часот, по вторпат во Скопје гостува „Сија каса синема“ од Бразил со неговата најнова претстава „Циркус анимус“.

В среда од 19:30 часот е претставата „Алиса и чудата“, во продукција на организаторот на фестивалот, Театар „Сенки и облаци“.

Во текот на фестивалот ќе биде поставена и изложба на традиционални кинески кукли за театар на сенки, за која сценографија изработија дечињата кои ја посетија работилницата за вешто сечење хартија под водство на институтот „Конфуциј“ при УКИМ и Театар „Сенки и облаци”.

Билетите чинат по 150 денари.