Една од најуспешните женски поп групи во овој век „Пусикет долс“ објави дека ќе се реоформи по пауза од 10 години. Таа веќе закажа и турнеја низ Велика Британија, што ќе стартува во Даблин во април следната година.
„Имаме недовршена работа. Поминаа десет години и подготвени сме да продолжиме“, изјави Ешли Робертс.
Оригинално формирана како бурлескна танцувачка група, „Пусикет долс“ издаде два албума продадени во 54 милиони примероци, пред да се распадне во 2010 година. Таа ја лансираше кариерата на Никол Шерцингер, која целосно ги остави во сенка останатите членки.
Четири од петте оригинални членки ќе бидат дел од камбекот.
„Пред да тргнеме на турнеја, треба малку да се истегнеме. Работиме на нова музика и на многу изненадувања за концертите“, кажа Шерцингер.