Исландската премиерка Катрин Јакобсдотир ги повика владите да усвојат зелени и семејни приоритети, место да се фокусираат на бројките за економски раст.
Таа се здружи со шкотската и со новозеландската премиерка Никола Стурџон и Џесинда Ардерн за да промовираат „агенда на добросостојба“. Јакобсдотир повика на алтернативна иднина, што ќе се базира на добросостојба и инклузивен раст.
Добитникот на Нобелова награда за економија Џозеф Стиглиц е еден од оние кои сметаат дека бруто домашниот производ (БДП) на државите не успева да го долови влијанието на климатски промени, нееднаквост, дигитални услуги и други феномени што го обликуваат современото општество.
Јакобсдотир вели дека уништувањето на животната средина бил клучен фактор што го водел Исланд кон вклучувањето на нови социјални индикатори во планирањето на буџетот, кој моментално е во подготовка.
„БДП што се базира само на екомомски параметри го поткопува квалитетот на животот. Како што кажа еден исландски поет, секс со сопругата не се пресметува во БДП, но секс со проститутка да“, кажа Јакобсдотир на конференцијата за климата во Лондон.
Како лево-зелено ориентирана политичарка, таа ја формираше владата во 2017 година и иако земјата покажала напредок во семејни политики, нацијата и натаму се соочува со големи проблеми, како депресија.
„Исланѓаните користат повеќе антидепресиви од соседните земји. Мора да ја засилиме превенцијата преку спорт и уметност“, додаде Јакобсдотир.