АНИЦИН И ПАЧКОВА СО ДВЕ ПОСЕБНИ ИЗЛОЖБИ СЕ ПРЕТСТАВИЈА ВО ШТИП ВО ИСТО ВРЕМЕ И МЕСТО

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Во исто време и на исто место во Домот на млади во Штип, сликарите Дороти Пачкова и Дарко Аницин со свои изложби почнаа да ги реализираат ликовните проекти „Арт Фем“ и „Нов културен бран со авторефлексија низ игра“.

И двајцата уметници најавија посебни сликарски карвани, па нивните дела во наредниот период ќе се најдат во поголемите градови во државата, а подоцна, се надеваат, и во странство.

Аницин со проектот „Нов културен бран со авторефлексија низ игра“ (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Инспирација за овој проект на Пачкова ѝ била последната ликовна колонија на која учествувала, а се случила на тромеѓето Србија-Косово-Црна Гора, додека Аницин преку ликовна игра ја претставува нелингвистичката природа на емотивните интеракции и ја објаснува нивната функционалност во емотивните светови.

„Моите мото и инспирација се сѐ поголемиот тренд на разни психопојави со кои се соочува современиот свет, а во последно време тоа е стресот. Со моите дела упатувам порака до човештвото дека со секоја авторефлексија низ игра се надминува стресот. Колоритската игра е најдобрата можна терапија за анулирање на стресот“, вели Аницин.

Тој повеќе од 15 години, прво како ученик во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски “, а подоцна и на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, ја изразува својата креативност низ цртежи и слики, посебно во областа на графичкиот дизајн.

Пачкова со ликовниот проект „Арт Фем“ (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Т. ЈОВАНОВСКИ