ОД ЕТНО МЕТАЛ ДО ДРАМ ЕНД БЕЈС, „ТАКСИРАТ 21“ ЌЕ ТРАЕ ДО РАНО УТРО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Почетокот на декември вообичаено е резервиран за Таксират.

Главната вечер и кулминација на десетдневните музички активности во Скопје ќе се одржи вечерва во „А1 арена“ со почеток во 20 часот и организаторот „Пасворд продукција“ повторно се послужи со проверениот рецепт, комбинирајќи имиња од домашната, регионалната и светската сцена. Планирано е целата програма да трае до пет часот наутро.

Претставници на првата се етно метал групата „Верка“, која по подолго време ќе може да се слушне во живо, и „Суперхикс“, кој на „Таксират“ ја заокружува прославата на 25 години од формирањето.

Во програмата се и српските хип хоп ветерани „Београдски синдикат“, хрватските панк рокери „Хладно пиво“ и Војко В, чија популарност експлодираше во изминатата година и летоска настапи и на Д фестивал во Дојран.

Шведското инди поп/рок трио „Петер Бјерн енд Џон“ е најпознато по хитот „Young Folks“ од 2006, но во Скопје доаѓа во пресрет на издавањето на својот деветти албум, а 21. издание на Таксират ќе заврши со драм енд бејс журката со Британците „Чејс енд статус“.

Втора година по ред, Таксират одделува посебен простор за трап (поджанр на хип хопот), несомнено најбрзо растечката сцена во регионот во изминатиот период, па така и во Македонија. Во обид да привлече што повеќе помлада публика, на овој стејџ ќе се соберат „Бунтаи“ и „30зона“ од Хрватска, „Кукуш клан“ и Клинац од Србија, како и водечките имиња во Македонија „МВРСВР“, Донплеја, Бон Праскиза, Принцес Донатсу и Секси Марса.

Г. КОНЕВ