И ЈАС БЕВ ЖРТВА НА НАСИЛСТВО, ОТКРИ МЕРИЛ СТРИП НА ДОДЕЛУВАЊЕТО НА НОВИНАРСКИ НАГРАДИ

Њујорк, (АП)

Мерил Стрип беше неочекувана гостинка на 27. доделувањето на Меѓународните награди за слободно новинарство, каде што се потсети на две болни случки од својот живот, кои, како што вели, целосно ја промениле како личност.

На покана на Комитетот за заштита на новинарите, холивудската ѕвезда се појави во улога на презентер, при што на публиката во Њујорк ѝ откри дека и таа знае што значи вистински терор.

„И јас во мојот живот се соочив со сериозни случаи на насилство. Во една прилика бев нападната и морав да се правам мртва, сѐ додека не престанаа да ме удираат. Бев сведок и на ситуација, во којашто друг беше злоставуван. Тогаш полудев и почнав да го бркам човекот. Овие настани засекогаш ме променија“, кажа Стрип, не откривајќи други детали, освен дека во вториот случај била заедно со Шер.

Таа притоа ѝ врачи награда на мексиканската новинарка Патрисија Мајорга.

„Никогаш немало повозбудливи, понапорни, па и поопасни времиња да се биде истражувачки новинар, особено за жени. Вие, новинарите, млади или стари, сте нестрпливи, недоволно платени, амбициозни, храбри, жестоки, упорни истражувачи на срања, зависни од кофеин“, додаде Стрип.