„ОЕЈЗИС“ И ЧАРЛИ ЕКС-СИ-ЕКС МЕЃУ ФИНАЛИСТИТЕ ЗА МУЗИЧКИТЕ ФОТОГРАФСКИ НАГРАДИ НА СТУДИОТО „ЕБИ РОУД“

Англија, (Би-Би-Си)

Фотографии од повратничката турнеја на „Оејзис“ и настапот на Чарли Екс-Си-Екс на фестивалот „Гластонбери“ се меѓу финалистите за годинашните Музички фотографски награди на студиото „Еби Роуд“.

За наградите годинава пристигнале повеќе од 24.500 фотографии од 42 земји, а во потесниот избор се најдоа 40 фотографии во осум категории. Меѓу музичарите овековечени на номинираните фотографии се и Кендрик Ламар, „Фонтејнс Ди Си“, „Тејм Импала“ и Сомбр.

Посебно внимание привлече фотографијата на Џек Оливер од настапот на Чарли Екс-Си-Екс на „Гластонбери“ во 2025, на која таа го пали зеленото знаме ‘Brat’, симбол на нејзиниот истоимен хит-албум, означувајќи го крајот на оваа музичка ера. Фотографијата е во конкуренција за музички момент на годината, награда за која гласа публиката.

Финалните фотографии ќе бидат изложени во „Аутернет Лондон“ до 14 септември, а победниците ќе бидат прогласени на 24 септември во легендарното студио „Еби Роуд“ во Лондон.

 

Фото: Л. Еванс