ПОЛЕТА ПРВИОТ ЕЛЕКТРИЧЕН АВИОН НА СВЕТОТ

Ванкувер, (Гардијан)

Првиот целосно електричен комерцијален авион на светот го имаше првиот пробен лет, полетувајќи од вода во канадскиот град Ванкувер.

Шестмина патници имаше на 15-минутниот лет на авионот на компанијата „Магникс“, што првпат беше претставен на Авиошоуто во Париз порано оваа година.

„Ова покажува дека комерцијална авијација во електрична форма може да функционира. Нашата технологија обезбедува чист и ефикасен погон на авиони. Овој историски лет претставува почеток на третата ера во авијацијата: електрична ера“, изјави Роеи Ганзарски, извршниот шеф на „Магникс“, која го дизајнираше моторот.

Таа го изведе летот во соработка со авиопревозникот „Харбур ер“, кој планира до 2022 година целосно да ја електрифицира својата флота.

Цивилниот авионски превоз е еден од најголемите загадувачи на светот, како што постојано се зголемува бројот на патници. Сепак, електрични авиони кои можат да поминат подолги дистанци остануваат голем предизвик за секторот, при што најбавно се развива технологијата на батерии.