„ТЕСЛА“ ЌЕ ПРАВИ ЕЛЕКТРИЧНИ ШЛЕПЕРИ

Детроит, (АП)

По една деценија правење автомобили и СУВ-возила, а во последно време и соларни панели, компанијата „Тесла“ сака да им даде електричен погон и на големите камиони.

Компанијата го претстави новиот електричен шлепер во близина на својот центар за дизајн во Хоторн, Калифорнија и неговите перформанси се импресивни.

Според извршниот директор на „Тесла“, Илон Маск, шлеперот ќе може да помине над 800 километри со едно електрично полнење, дури и кога е натоварен со максимални 36.300 килограми. Тој, исто така, ќе биде поевтин од дизел-шлеперите поради заштедите во горивото, потребата од помало одржување и други фактори. До 100 км/час, ќе забрзува за само пет секунди.

Неговото производство ќе почне во 2019 година, а заинтересираните уште сега можат да уплатат депозит од 5.000 долари.

„Ние сме убедени дека ова е производ што е подобар во секој поглед“, кажа Маск на промоцијата, не откривајќи колку ќе чини камионот.

Тој ќе го има автопилот системот на „Тесла“, но и систем што автоматски го одржува камионот во неговата лента. Според Маск, неколку вакви камиони ќе можат да патуваат во конвој, следејќи се еден со друг.

Маск изјави дека „Тесла“ планира да инсталира и светска мрежа на соларни мегаполначи, со што камионите ќе можат да поминат уште 560 километри по полнење од само половина час.