„Јазикот е наша татковина“ е насловот на поетското читање кое ќе се одржи вечерва од 19 часот во Друштвото на писатели на Македонија. Настанот е во чест на 98-годишнината од раѓањето на Блаже Конески (19 декември 1921 – 7 декември 1993).
Песни од Конески, но и свои песни ќе читаат Зоран Анчевски, Катица Ќулавкова, Иван Џепароски, Кристина Николовска, Владимир Мартиновски, Виолета Танчева-Златева, Тихомир Јанчовски, Сузана В. Спасовска и Снежана Стојчевска, а со писмо ќе се вклучи и Лидија Димковска. Настанот ќе го модерира Александра Јуруковска.
„Со почитта кон традицијата и со креативноста, македонските писатели уште еднаш ќе потсетат дека литературата е најцврстиот столб на македонскиот јазик“, велат од ДПМ.