Илјадници млади го предводеа вечерашниот втор марш за чист воздух, што се одржа во центарот на Скопје.
Движејќи се од Министерството за животна средина преку Собранието до Владата, учесниците во протестот гласно испратија кратки и јасни пораки до власта: „сакаме воздух“, „сакаме да дишеме“ и „здравјето пред профитот“. И ѝ порачаа дека не мислат да се откажат.
Младите го покажаа својот став уште утрово, кога во дел од скопските средни училишта имаше бојкот на наставата, иако притоа се соочија со притисоци и закани.
За неполн месец, ова беше втор масовен марш за чист воздух во Скопје и зад него повторно застанаа над 30 граѓански здруженија од целата земја, обединети околу идејата за (по)чиста животна средина.
Фото: Ѓ. ЛИЧОВСКИ