СВЕТОТ ЌЕ ЈА ЗАВРШИ ДЕЦЕНИЈАТА СО 7,75 МИЛИЈАРДИ ЖИТЕЛИ

Берлин, (ДПА)

На истекот на деценијата, на Земјата живеат 7,75 милијарди луѓе, според проценките на германската Фондација за светска популација, речиси една милијарда повеќе во однос на 2009 година.

Тоа се 83 милиони луѓе повеќе отколку на крајот на минатата година, што е рамно на сегашната бројка на жители на Германија. Според Фондацијата, светското население секоја секунда се зголемува за 2,6 луѓе во просек.

Границата од осум милијарди жители на Земјата би требала да биде достигната во 2023 година.

Од Фондацијата велат дека жените во Африка во просек имаат по 4,4 деца, што е двојно повеќе од глобалниот просек од 2,4 деца. Според прогнозите на Обединети нации, популацијата во Африка до 2050 година ќе порасне од сегашните 1,3 на 2,5 милијарди. Во исто време, на светот би требало да има 9,7 милијарди луѓе и за овој раст најмногу ќе придонесат девет држави: Индија, Нигерија, Пакистан, Конго, Етиопија, Танзанија, Индонезија, Египет и САД.