СКОПЈАНИ НАПРАВИЈА ЕЛКА ЗА ДА ГО СОБОРАТ ГИНИСОВИОТ РЕКОРД

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Илјадници граѓани денеска дојдоа на плоштадот Македонија во Скопје за да придонесат во обидот да се сруши Гинисовиот рекорд на најголема елка направена од луѓе.

Целиот плоштад беше обележан во новогодишна елка, а граѓаните добиваа зелени и црвени ќеси, означувајќи ги зеленилото и украсите.

Организаторите рекоа дека снимките од елката треба да покажат дали е соборен Гинисовиот рекорд, а резултатите ќе се знаат за неколку денови.

Граѓаните добиваа зелени и црвени ќеси, означувајќи ги зеленилото и украсите на елката. (Фото: К. Попов)

„Благодарност до сите граѓани, сите скопјани, што зедоа учество во оваа предновогодишна манифестација. Направени се снимките, тие ќе бидат испратени и деновиве очекуваме известување дали е соборен Гинисовиот рекорд. Ние очекувавме околу 5.500 луѓе, не успеавме да ја оствариме таа бројка, но имаше околу 4.000 луѓе, што е блиску до сегашниот рекорд од 4.030 учесници. Верувам дека доколку ова биде рекорд, на сите кои беа учесници ќе им претставува убав спомен“, кажа градоначалникот Петре Шилегов, кој и самиот беше дел од елката.

Најголемата елка од луѓе, според Гинис, е направена во Индија во 2015 година, со 4.030 учесници.

А. АНТЕВСКА