„НИКОЛА КАРЕВ“ ПРАВИ ЗАБАВА СО СРЕДНОШКОЛСКИ БЕНДОВИ, ВЛЕЗОТ ЧИНИ ЕДНА БАТЕРИЈА ИЛИ ДВЕ ПЛАСТИЧНИ ШИШИЊА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва од 19 часот, во скопската гимназија „Никола Карев“ за првпат се организира новогодишна забава, а влезница се добива со приложување на две пластични шишиња или, пак, на една искористена батерија. Забавата ја прават средношколците со помош на Агенција за млади и спорт и Здружението на граѓани „Гоу грин“.

Ќе настапат пет средношколски бендови: „Волт“, „Алтер Его“, „Пешачки премин“, „Бејсмент калт“ и „4.33“.

Кристијан Поповски, кој е дел од организацискиот тим, вели дека за гостите ќе има и наградни игри, а главна награда е патување за двајца на островот Крф во Грција.

„Затоа што сме свесни и одговорни за природата во која сите живееме, одлучивме целиот настан да има еколошки карактер, па затоа како влезница ќе бидат две пластични шишиња или една искористена батерија. Пред самиот почеток на свирката, ќе организираме и турнир во табла“, вели Поповски.