ГЕРМАНИЈА ГИ ЗАБРАНИ ПАМЕТНИТЕ ЧАСОВНИЦИ ЗАШТО БИЛЕ УРЕДИ ЗА ШПИОНИРАЊЕ

Берлин, (Би-Би-Си)

Германската регулаторна комисија ја забрани продажбата на паметните рачни часовници, опишувајќи ги како уреди за шпионирање.

Од исти причини, претходно беше забранета и кукла поврзана со интернет, наречена „мојата пријателка Кајла“.

Федералната агенција за телекомуникации ги советуваше родителите кои поседуваат вакви часовници да ги уништат.

„Слабо заштитените смарт уреди често овозможуваат пробив во приватноста. Ова е особено загрижувачки кога станува збор за детските часовници со ГПС, иако тие би требало да им даваат поголема безбедност. Шокантно е колку е слаба регулативата кога се во прашање вакви ‘интернет работи‘, што им овозможува на производителите да продаваат опасно небезбедни смарт уреди. Затоа оваа одлука на државата би можела да биде пресврт на ова поле“, вели експертот за безбедносни прашања, Кен Мунро.

Агенцијата соопшти дека веќе презела мерки против неколку фирми кои продаваат вакви часовници на интернет.

Овие смарт часовници се наменети за деца на возраст од пет до 12 години, имаат СИМ-картичка и се контролирани од апликација.