Македон Димитровски (11) освои два златни медала на Математичката олимпијада во Франфурт, Германија. Во силна меѓународна конкуренција, младиот матeматички гениј доби злато во индивидуална конкуренција по математика и уште еден златен медал во категоријата математички предизвик.
Покрај медалите, Македон ја доби и титулата Лауреат, која ја добиваат само најдобрите математичари.
„Натпреварот не беше претежок и беше многу интересен, но имаше силна конкуренција. Јас сум многу среќен што добив златен медал. Ама не само златен медал, туку и Лауреат. Се радувам што учествувам на вакви натпревари зашто има убаво дружење. Нема еден против друг, нема омраза, беше само дружење и решавање математика. За овие натпревари треба многу труд и работа. Ми требаа неколку недели да се подготвам за овој натпревар, затоа што не се постигнува само со талентот, туку и со трудот“, вели 11-годишниот основец.

„Имаше учесници од цел свет и тоа беше една голема дружба на континенти, на раси, на луѓе од сите страни. Така што, и ова беше едно големо искуство за сите нас“, рече Владимир Димитроовски, таткото на Македон.
Димитровски вели дека за натпреварите не добиваат поддршка од државата, туку од приватни фирми.
Семејството Димитровски е од Тетово. До 2022, Македон учеше во основното училиште „Лирија“ и живееше во Тетово. Во 2023 доби стипендија и продолжи во приватното училиште „Нова“ во Скопје. Татко му вели дека брзо се вклопил во новата средина.

Македон е познат по тоа што веднаш може да пресмета задача со множење со големи броеви и вели дека има свој начин како го прави тоа. Програмата која ја учел во Тетово му е одамна позната, но на часовите ретко кревал рака, сакајќи да им даде шанса на другарите од одделението да научат. Неговиот сон е да се запише на Универзитетот Харвард во САД, а приемниот испит ќе го полага кога ќе наполни 12 години.
М. ЏАРОВСКА