НОРВЕШКА ГО ИМА НАЈТОПЛИОТ ЈАНУАРИ ДОСЕГА

Осло, (Би-Би-Си)

Норвешка се соочува со редок топол бран за почеток на јануари, период кога температурите вообичаено се под нула.

Највисоката температура од 19 Целзиусови степени е измерена во селото Сундалсера во западниот дел на земјата, што е 25 степени над просекот за овој месец. Тоа значи дека Норвешка го има најтоплиот јануари откако почнале мерењата.

И додека многумина уживаат во пријатното време, постојат грижи дека тоа е уште еден ефект на климатските промени.

„Ова е нов температурен рекорд за нас. Луѓето денеска шетаа по маици со куси ракави, а вообичаено скијат ова време“, изјави градоначалничката на Раума, Ивон Волд, која се искапе во морето.

Досегашниот рекорд во Норвешка, остварен во 1989 година, изнесувал 17,9 степени.