НОВАТА ПРЕМИЕРКА САКА ДА ГО СКРАТИ РАБОТНОТО ВРЕМЕ ВО ФИНСКА

Хелсинки, (Дејли мејл)

Новата премиерка Сана Марин сака да воведе флексибилно работно време во Финска, што би вклучувало четири работни дена неделно и шестчасовен работен ден. Триесет и четиригодишната Марин, која е втор најмлад премиер на светот, смета дека тоа би им овозможило на работниците да поминуваат повеќе време со своите семејства.

„Верувам дека луѓето заслужуваат да поминуваат повеќе време со своите семејства, сакани и хобија и со други аспекти на животот, како култура. Ова би можел да биде наш следен чекор во работниот век“, кажа Марин.

Додека беше министерка за транспорт, Марин се залагаше за пократка работна недела, сметајќи дека тоа ќе ја подобри продуктивноста на работниците. Во Финска денес вообичаено се работи пет дена во неделата по осум часови на ден.

Марин предводи коалиција на лев центар составена од пет партии чии лидери се жени, од кои три се во рани 30-ти години.

Шестчасовен работен ден беше тестиран во Шведска во 2015 година и резултатите покажаа дека работниците биле посреќни, поздрави и попродуктивни. Сличен експеримент лани спроведе и „Мајкрософт“ во Јапонија и резултатите исто така беа позитивни.