ПРЕД БРЕГЗИТ ДОЈДЕ МЕГЗИТ – ХАРИ И МЕГАН СЕ ОТКАЖУВААТ ОД КРАЛСКИТЕ ДОЛЖНОСТИ ЗА ДА НЕ СЕ ПОВТОРИ ИСТОРИЈАТА

Лондон, (Си-Ен-Ен)

Пред брегзит, на Велика Британија ѝ се случи мегзит.

Принцот Хари и Меган Маркл, односно војвода и војвотка од Сасекс, вчера ја шокираа Бакингамската палата со објавата на Инстаграм дека ќе се повлечат од своите кралски должности и ќе работат на тоа да станат целосно финансиски независни. Тие во иднина планираат да поминуваат време и во Велика Британија и во Северна Америка.

Хари и Меган ја соопштија својата одлука по враќањето од шестнеделниот семеен одмор во Канада и Велика Британија. Тие велат дека за ова размислувале со месеци, откако претходно признаа дека тешко се носат со медиумското внимание.

Во октомври, Маркл низ солзи кажа дека е неиздржливо да се биде нова мајка која постојано е во фокусот на јавноста.

„Секоја жена, особено кога е трудна, е многу ранлива и сето тоа ми беше голем предизвик. Не многу луѓе ме прашуваат како ми е, но тоа е нешто со што мора да се справиш зад сцената. Мене сето ова ми е големо мачење“, призна Маркл во интервјуто за Ај-Ти-Ви.

Најавувајќи тужба против весникот „Мејл“ откако тој објави рачно напишано писмо на Маркл до нејзиниот татко, Хари, кој сведочеше на тоа како неговата мајка ја уништуваат папараци, кажа дека нема намера да биде „нем сведок на приватното страдање на Меган“, додавајќи дека стравува дека историјата се повторува.

Британските медиуми открија дека Хари и Меган не се консултирале со Бакингамската палата пред да ја соопштат својата одлука. Хари претходно призна дека тој и брат му Вилијам се „на различни патишта“.

Хари и Меган ќе ги задржат своите кралски титули и планираат да отворат своја фондација.