„МЕДЕНА ЗЕМЈА“ ИСПИША ИСТОРИЈА КАКО ПРВ ДОКУМЕНТАРЕЦ СО ДВЕ НОМИНАЦИИ ЗА ОСКАР

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов испиша историја на македонската и на светската кинематографија, станувајќи прв документарец кој бил номиниран за Оскар во две категории.

Неполна година откако ја израдува Македонија со триумфот на најголемиот американски фестивал на независен филм Санденс, „Медена земја“ го заокружи својот неверојатен пат добивајќи номинација за Оскар и за најдобар документарец и за најдобар странски филм, што досега не се случило.

Ова може да ја остави Македонија будна во раните утрински часови на 10 февруари, кога е церемонијата на доделувањето на Оскари.

Продуцентот Атанас Георгиев и режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов во своите биографии сега имаат и номинација за Оскар (Фото: Фејсбук)

Среќни сме што светските критичари и членовите на Академијата го препознаа крикот на планетата, кој ечи меѓу фрејмовите во филмот. Ова е првпат во историјата на Оскарите документарен филм да е номиниран во две категории, што значи дека ова не е само успех со историски размери, туку потврдува дека документарниот јазик влегува во ерата на негово вистинско вреднување и стои рамо до рамо со фикционалната нарација. Филмот повикува на скромност, а кога ја гледаме љубовта во очите на гледачите, силно веруваме дека пораката е препозната. Бескрајна благодарност до членовите на Академијата што филмот го нарекоа материјал заслужен за Оскар“, објави екипата на филмот на Фејсбук.

„Медена земја“ ќе има силна конкуренција за двете награди: за најдобар документарец тоа се „Американска фабрика“, „Пештерата“, „Доба на демократија“ и „За Сама“, а за најдобар странски филм номинирани се и „Корпус кристи“ (Полска), „Клетници“ (Франција), „Болка и слава“ (Шпанија) и „Паразит“ (Јужна Кореја).

Големиот успех на „Медена земја“ уследи точно 25 години откако „Пред дождот“ на Милчо Манчевски беше номиниран за Оскар за најдобар странски филм, но македонски филм првпат беше на Оскарите во 1981 година, кога „Дае“ на Столе Попов имаше номинација за најдобар краток документарен филм.

Г. КОНЕВ