Амстердам ќе ги преземе долговите на младите, со цел да им ја олесни ситуацијата на оние кои се мачат да почнат со работа или да продолжат со образование.
Натрупаните долгови меѓу младите Холанѓани, тренд што е присутен низ цела Европа, се смета за голема пречка за влегување на пазарот на трудот или за комплетирање на високото образование.
Според пробниот проект на градот, општинска кредитна банка ќе преговара со кредиторите да ги откупи долговите. Кредиторите ќе добијат 750 евра како поттик да го префрлат долгот. На младите ќе им се отпише уште поголем дел од долгот доколку успешно се приклучат на тренинг за работа или образовна програма.
„Долговите предизвикуваат стрес и тие често ја одредуваат иднината на младите. Многумина од нив се најдоа во ситуација од која не можат да излезат без помош. Затоа ние сега ќе им помогнеме за да можат да направат нов почеток“, изјави заменик градоначалничката Марјолен Морман.
Според официјални податоци, повеќе од една третина амстердамци на возраст меѓу 18 и 34 години се во долгови. Просечен студентски долг во Холандија во 2019 изнесуваше 13.700 евра.