СКАКУЛЦИ ПУСТОШАТ НИЗ АФРИКА ВО НАЈГОЛЕМАТА ИНВАЗИЈА ВО ИЗМИНАТИТЕ ДЕЦЕНИИ

Њујорк, (Би-Би-Си)

Обединетите нации упатија повик за меѓународна помош откако неколку источноафрикански држави се соочија со ретко видена инвазија на скакулци.

Етиопија и Сомалија се мачат да се справат со најголемата инвазија во последните 25 години, додека Кенија не памети уништување од вакви размери веќе седум децении. Доколку роевите продолжат да растат и шират, а ОН предупредуваат дека до јуни би можеле да се зголемат и за 500 пати, под голема закана ќе бидат и Уганда и Јужен Судан.

Роевите се рашириле од Јемен преку Црвеното Море (Фото: Ројтерс)

„Брзината со која инвазијата се шири и зголемува е надвор од сите норми. Единствената опција е прскање со инсектициди од авион“, велат од ОН.

Роевите се рашириле од Јемен преку Црвеното Море, откако поројните дождови кон крајот на 2019 создале идеални услови за тоа. Проблемот би можел и да се влоши, бидејќи скакулците се размножуваат и во Индија, Пакистан и Иран.

Скакулците можат да поминат до 150 километри на ден и секој ден можат да изедат количество храна соодветно на својата големина.