ВИОЛЕТА ЧАПОВСКА ДОБИ ГРАН ПРИ НА ЗИМСКИОТ САЛОН НА ДЛУМ И ЌЕ ОДИ ВО ПАРИЗ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Уметницата Виолета Чаповска за делото „Мерка на растојание“ ја доби Гран при наградата на 18. Зимски салон на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ), кој се отвори синоќа во Чифте амам. Наградата е двомесечен престој во ателје во Париз и ја обезбедува Министерството за култура.

Чаповска е родена во Скопје во 1967, дипломирала на Одделот за графика на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во 1991 година, а магистрирала на Кралскиот институт за технологија во Мелбурн во 1995. Таа работи со графика, перформанс, видео, текстил и фотографија.

Наградата во името на Чаповска, која живее во Австралија, ја прими нејзината внука Јана.

Годинава темата беше „Првиот грев – првата доблест“, а куратор е историчарот на уметност Кирил Пенушлиски.

На изложбата учествуваат 16 автори: Вана Урошевиќ, Зоран Тодовиќ, Кирил Гегоски, Тања Балаќ, Марјана Костојчиноска-Узунчева, Татјана Манева, Никола Пијанманов, Борче Богоевски, Илина Арсова, Филип Фидановски, Петра Јовановска, Шќипе Мехмети, Валентина Илијевска, Жаклина Глигориевска Кочоска, Виолета Чаповска и Слободан Живковски. Единствен гостин годинава е уметникот Александар Зафировски.