МАКЕДОНИЈА ЗАБРАНИ УВОЗ НА ОТПАД ШТО ЌЕ СЕ КОРИСТИ КАКО ГОРИВО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонија забрани увоз на отпад за согорување што потоа се користи како извор на енергија.

Неколку денови пред да се распушти, Собранието со 62 гласови „за“ ги усвои измените на Законот за управување со отпад, што беа предложени од пратеничките на ДОМ, Маја Морачанин и Лилјана Поповска.

„На овој начин ќе се постигне поголема заштита на животната средина и на здравјето на луѓето и ќе се укине можноста за увоз на отпад кој со одредбата во постојниот закон се користи како извор на енергија“, стоеше во образложението на двете пратенички.

Граѓанската иницијатива „О2“ го поздрави изгласувањето на забраната, која беше на нејзината долга листа на барања, а токму по тој повод во петокот се одржа протест пред Собранието, а денеска и пред цементарницата „Титан-УСЈЕ“.

„Ова беше едно од барањата на Зелен фронт за кое континуирано вршевме притисок и лобиравме. Седницата не беше закажана за денеска, но очигледно притисокот го направи своето“, објави иницијативата.