„Во наш филм“ е мотото на второто издание на ревијата на македонски филмови „Златна рамка“, која ќе се одржи на 14, 15 и 16 февруари во Младински културен центар (МКЦ).
„’Златна рамка’ е еден вид отчет пред домашната публика, која ќе има можност да ги погледне сите домашни филмови снимени минатата година, од кои некои не се прикажуваат на редовен репертоар во киносалите“, вели Ана Василевска, уметнички координатор на „Златна рамка“.
Ќе бидат прикажани 22 филма во три програмски целини (долгометражни, краткометражни и документарци) и публиката ќе има можност да ги проследи филмовите заедно со нивните автори и да учествува во дискусиите што се предвидени после секоја проекција.
Меѓу филмовите кои ќе се прикажат се: „Врба“ на Милчо Манчевски, „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска, „Приказна за една зграда“ – последниот филм на режисерката Билјана Гарванлиева, „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубо Стефанов, „Господ од современа“ на Ана Алексова, „Налепница“ на Георги М. Унковски и „Незаборавна пролет во заборавено село“ на Куштрим Бектеши.
Ревијата не е од комерцијален карактер и проекциите ќе бидат бесплатни. Иницијатор и организатор е Друштвото на филмските работници, во соработка со Агенцијата за филм и МКЦ.