Кирк Даглас, еден од последните сведоци на холивудското златно доба, почина во Беверли Хилс два месеца откако го прослави 103. роденден. Со кариера што се протегна низ седум децении, на Даглас не му требаше Оскар за да стане икона на Холивуд, кој, по три номинации, го награди со почесна статуетка во 1996 година.
Роден како Исур Даниелович Демски во сиромашно еврејско семејство во Амстердам (Њујорк) во 1916, Даглас се прослави играјќи цврсти момци, тип на ликови што тој ги нарекуваше „кучкини синови“. Почнал да глуми во училишни претстави, а новото име Кирк Даглас го промовирал непосредно пред дебито на Бродвеј.
„Една работа во мојот живот што отсекогаш сум ја знаел е дека сакам да бидам актер“, кажа Даглас своевремено.
По Втората светска војна, во која бил повреден, тој го прифатил советот на Лорин Бекол да се испроба во Холивуд, почнувајќи филмска кариера што ќе му донесе бескрајна почит од целата индустрија.
Даглас двапати се женеше. Бракот со бившата соученичка од часовите по глума Дајана Дил траел осум години, до 1951 и заедно добија двајца синови, оскаровецот Мајкл и Џоел, кој стана филмски продуцент.
Вториот брак на Даглас важи за една од најдолговечните љубовни приказни во Холивуд. Тој се запознал со Германката Ен Бајденс додека таа работела во филмско студио во Париз и се венчале во мај 1954, останувајќи заедно цели 66 години, сѐ до неговата смрт.
Сепак, во книгата што заедно ја објавија во 2017, „Кирк и Ен: Писма за љубов, смеа и животен век во Холивуд“, таа откри дека нејзиниот сопруг имал афери со други жени и дека тоа не го ни криел од неа.
„Јас го прифатив тоа. Како Европејка, сфаќав дека е нереалистично да се очекува целосна верност во бракот“, напиша Бајденс, која лани наполни 100 години.
Со неа, Даглас доби уште двајца синови, од кои Ерик почина од предозирање со дрога во 2004 година.