Кинотеката на Македонија во септември ќе понуди разновидна филмска програма со македонски и регионални филмови, холивудски класици, неми филмови и посебна програма посветена на хрватската кинематографија.
Месецот почнува со „Сведок“ на Митко Панов, драма за потрагата по сведок на воени злосторства, која отвора прашања за вината, правдата, политичката меморија и последиците од насилното минато.
На програмата се и неколку класици на американската кинематографија. Ќе се прикаже „Победи го ѓаволот“ на Џон Хјустон со Хамфри Богарт, Џенифер Џонс и Питер Лоре, авантуристичка комедија која низ иронија и црн хумор зборува за алчноста и измамата.
Публиката ќе може да го види и политичкиот трилер „Саденли“ на Луис Ален со Френк Синатра (фото), како и вестернот „Ангелот и лошиот човек“ на Џејмс Едвард Грант со Џон Вејн, приказна за насилството, искупувањето и можноста за промена.
Дел од септемвриската програма е посветен на немиот и класичниот филм, со што Кинотеката продолжува да го доближува филмското наследство до современата публика.
Во текот на месецот ќе се одржат и Денови на хрватскиот филм, со избор на дела од хрватската кинематографија и осврт на културните и филмските врски во регионот.
Септември ќе заврши со „Човекот со златната рака“ на Ото Премингер, филм од 1950-тите кој во своето време ги поместил холивудските граници со отвореното прикажување на зависноста, социјалната маргинализација и човечката слабост. Целата програма е на овој ЛИНК.